Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Лајбах грмеше во Скопје

2013-11-18
Македонската публика долго ќе ја памети оваа саботна вечер по одличниот настап на култниот словенечки бенд Лајбах на Скопскиот саем. Бендот кој како инспирација го наведуваат многу светски музички гиганти меѓу кои се и Рамштајн и Најн Инч Нејлс одржа настап во Скопје по цели пет години пауза.

Концертот го отворија Мизар, кои имаа солиден настап и одлично ја загреаа атмосферата за главниот настан. Мало разочарување беше тоа што дел од нивните песни звучеа како да беа целосно на матрица, и ние како долгогодишни фанови не бевме задоволни од тоа што имаа да го понудат. 

По кратка пауза, на сцена се појавија словенечките легенди и беа дочекани со воодушевување од публиката која иако не беше во огромен број одлично се забавуваше. Фронтменот Милан Фрас, придружуван од Мина, Сашо, Лука и Јанез ја збеснаа македонската публика во текот на двочасовниот нивен настап. Ги отсвиреа познатите нивни хитови како "Tanz Mit Laibach", Смрт за смрт, неколку песни од саундтракот на филмот Iron Sky како и одличните кавери на "Life is Life" од Опус, "Final Countdown" од Europe и Б машина од Сидарта.

Публиката занеме кога прекрасната Мина го запеа каверот на "Across the Universe" од Битлси за што доби огромен аплауз. Озвучувањето на концертот беше одлично и придонесе целокупниот настан да биде пропратен со овации од страна на фановите. Сите се изненадивме кога Лајбах излегоа и на втор бис, што ретко се случува на нивните настапи, и дел од публиката брзаше да се врати назад во салата за да искористи да биде дел од уште некој момент од магијата наречена Лајбах во Скопје.

По настапот на Лајбах на сцена се појави Мирко Попов, но поголемиот број на посетители веќе го напуштаа Скопскиот саем. Ние секако бевме меѓу нив. Сè на сè Лајбах одржа одличен концерт кој ќе остане во сеќавањата на оние што присуствуваа како незаборавно искуство и за кој уште долго ќе се зборува. Кој го пропуштил може слободно да се кае.

Текст: Вук Малетиќ

Фото: Александар Михајловски 

  

  

  

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]