Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Се' или ништо

 Елена наведна глава, погледна во картите и замижа. „До кое дереџе дојдов, у курац,“ си помисли и си присети на истиов датум пред 3 години. Само што беше дипломирана со почести на Економски факултет, доби стипендија за постдипломски на Беркли и понуда за летна пракса во Џонсон контролс. Вратите кон успешна кариера и беа ширум отворени. Нејзините конечно беа при крај да го отплатат станот и добија раководни функции во Министерството за култура каде што со години беа поборници за подигање на нивото на култура кај граѓаните на Македонија. „Силното образование и нивото на културен живот во една земја е клучот за нејзин напредок,“ велеше татко и’. Неговата теорија беше дека онаа земја во која граѓаните се потковани знаење неизбежно ќе успее во сите други сфери и дека на крај и економски ќе се подигне.

            „Повелете! Дупло сакавте нели?“ – срамежливо ја праша келнерката и ја врати во реалноста.

            „Толку ли е очигледно дека ми треба дупло?“ – се натажи Елена.

            „Дупло за дупла среќа?“

            „Може. Фала ти многу!“

            Германецот зголеми на 3000 денари. Елена погледна во купчето, имаше уште 20 000 денари. Влезе со 3000, стигна до 21 000 денари. „Педерон од прееска блефира! Кој го ебе, ќе си ја пробам среќата. Полошо од ова и онака не може да биде.“ – си рече и испи пола чаша на екс и фрли 3000 денари во купчето. Одеднаш целата се наежи. Ова беше трет пат во животот да се наежи од добро стоење. Веќе стана свесна тоа и е некој внатрешен инстинкт дека среќата драстично треба да и’ се смени. Првиот тоа беше најубавото чувство на свет. Имаше 9 години, а баба и’ беше во болница и буквално пред умирање. Како што влегуваше во клиниката доби некое силно чувство дека нешто прекрасно ќе се случи и одеднаш се расположи. Кога се качија на третиот кат забележаа дека собата на баба и’ е празна. Таму ги пречека сестрата и им рече дека госпоѓата морала итно на операција бидејќи состојбата нагло и’ се влошила. Елена само се насмевна и ја стисна мајка си за рака и и’ рече „не се секирај мамо, баба ќе биде добро, си знам ја.“ На мајка и’ и се насолзија очите и само рече „браво срце мое, само така да ми мислиш секогаш, дури и кога ќе ти биде најтешко. Некогаш кога врне, истура, ама секогаш после дождот иде сонце, тоа баба ти секогаш ми го викаше и еве ти си осеќаш самата дека е така.“ Не поминаа ни десетина минути, а лекарот се врати и им соопшти дека се е во ред со Марика и дека за некојси половина час ќе ја вратат во соба.

            „Ти ебам картите,“ – се раздра и стана од масата полничкиот господин кој седеше на ќошот. Купчето веќе дојде до 21 000 денари. Петмина се’ уште беа во игра. Крупието извади три карти на маса. Два кеца и крал. Добри карти. Сега ќе види како ќе реагира Германецот. „Пак зголеми на 3000 денари! Овој или блефира или гледа да не навлече и све да ни собере… Ќе му играм!“ помисли Елена и фрли уште 3 000 во купчето. Ударот на чиповите од масата ја потсетија на ударот на колата во камионот од таа иста кобна вечер од пред 3 години. Дента по втор пат во нејзиниот живот се имаше наежено, но овој пат имаше лошо претчувство. За жал тоа претчувство се оствари. Потребен беше само дел од секунда за цел свет да и’ се сруши. Во еден момент се’се смени. Ги изгуби родителите, се здоби со тешки телесни повреди, ја изгуби стипендијата, праксата и бидејќи немаше начин како да ги плати ратите, го изгуби и станот. За трагедијата да биде поголема, татко и’ ја немал регистрирано, а со тоа и ја немал осигурано, колата, па западна и во долгови за да ги отплати сите штети што произлегоа од сообраќајката…

            „Ај да направиме да ни биде поинтересно,“ рече типот до неа, „еве плус уште 3000 ден.“ Постариот господин до него се откажа, а фраерот со кожната јакна се напи голтка виски и фрли 6000 ден во купчето. Германецот прифати и пак и’ дојде редот на Елена. Ја фати нервоза, почна да се поти. Се присети на моментот кога излезе од болница. Банката и’ даде месец дена да се исели од станот и одеше од фирма до фирма во очајна потрага по работа. Последното интервју ептен ја разочара. Газдата едноставно и’ рече „зошто па тебе да те вработам? Што си ти подобра од останатите 300 дипломирани економисти од оваа година? Или можеби имаш ти нешто под сукњичето да ми понудиш што тие не можат?“. И’ се слоши. Му кажа во лице дека е шовинистичка стока и си отиде. Не можеше веќе никого да гледа. Ги избегнуваше сите другари и другарки кои сакаа да и’ помогнат и се пијанчеше на сред бел ден. Една вечер и’ пријде еден згоден дечко и се понуди да ја части пијачка. Таа веќе преморена и препијана да се противи само се сврти и му рече „ако имаш повеќе кеш у тебе можеме да ги скокнеме формалностите и да одиме некаде и да се изебеме.“ Дечкото ќе паднеше во несвест. Ја фати за рака и ја однесе во најблиското хотелче. Кога завршија работа, тој стана, се облече и и’ остави 50 евра на масичката до креветот. Кога се сети на таа вечер и на секоја втора наредна од тој ден па натаму си рече „една партија секс мање више нема да ми прави разлика. Пола вечер работа…“ Фрли уште 3000 ден во купчето.

            „Ретко гледам вака решителни женски ко тебе. Алал да ти е!“ рече типот што седеше до неа.

            „Ај играј и не сери! Знам ја какви женски сакаш ти. Оние што се импресионираат што носиш саат од 1000 евра и одело од 3000 евра, а што не знаат дека си женет со жена 20 години постара од тебе која све ти плаќа, а ти како педер некој го вадиш прстенот пред да искочиш у град и ја лажеш дека одиш на службена вечера.“

            „Те погоди ептен оваа брат“ рече фраерот со кожната јакна и си го допи вискито. „Имаш намера да играш или ќе седиш ко морон со отворена уста цела вечер?“

            „Да ми се фатите и двајцата!“ рече типот и стана, сфаќајќи дека не му успеа блефот.

            Крупието извади двојка. Германецот зголеми на 10 000 денари. „Копиле едно!“ си помисли Елена. „Имал добра рука уште од претходно само опипувал терен. Гарант има или кец или крал! Ама чим се јача вака, гарант е кец. Што го ебам, терам до крај“. Фрли уште 10 000 денари во купчето. Фраерот со кожната јакна мртов ладен прифати. „И овој има кец. Јебига.“ Крупието извади уште една двојка. Германецот погледна културно во купчето пред Елена и џентлменски фрли уште само 4000 денари во купчето. Фраерот во кожната јакна се сврти кон Елена и рече: „Девојко, имам ептен добра рака, откажи се и задржи си ги преостанати пари, остај ме да го ошурам швабава. Јас сум Диме иначе“ рече и и’ пружи рака.

            „Диме не се секирај, голема сум, си знам“ рече Елена и фрли се’ во купчето.

            „Гледам дека си голема и дека си тежок инат. Гледам и со кого се симна од лифтот прееска и не дека е моја работа, ама премногу си убава и ми делуваш премногу паметна и мила за да правиш такви работи. Ама кој фактор сум јас да ти кажувам што да правиш во животот“

            „И не си фактор! Бркај работа и не ми збори више, разбра?!!“

            „Не се жешти многу. Не си ти единствена со проблеми“ рече Диме и ја крена блузата и и’покажа лузните од шрапнел на Елена. „У пакет со овие иде и една слика. Бујрум!“ ладно промроре и и’ даде слика од него со една убава девојка со бебе во раце. „Тоа сме јас и Ана на одмор во Египет, пред бомбашкиот напад истиот ден кога тие умреа покрај мене…“

            „Жал ми е,“ рече Елена и забележа како една солза и’ потече по лицето.

            „Нема зошто да ти е жал за нив. Нека ти е жал за нас, они се на подобро место, ние сме тие што се мачиме. Што не значи дека треба да се мачиме и страдаме сами, а во никој случај не значи дека треба да се самоуништуваме.“ смирен рече Диме и фрли 4000 денари во купчето. „Ако победам ќе ти ги вратам парите што ги вложи ти и ќе ти оставам мобилен за да ме частиш вечера некој ден кога ќе ти биде пак вака тешко, може?“

            „Вечера ќе те частам, ама јас нема да ти ги вратам тебе парите кога ќе победам“ рече Елена и се насмевна.

            „I have no idea what the fuck you guys were discussing for so long, but the money is mine“ рече самоуверено Германецот и фрли кец и дама на масата и тргна по парите од купчето бидејќи имаше фул хаус од три кеца и две двојки. Диме се насмевна и му рече „Not so fast there blonde!“ и извади кец и крал. Германецот се посра. „Fuck! That’s a nice fucking hand there fella! I wish you a pleasant evening ma’am.“ и’ рече на Елена и стана да си оди. „You’re not going to stick around to see me wipe the smirk of this hot-shot’s face?“ го праша она.

            „Како да не бе. Јас имам најјака рука, лепотицо“

            „Не, немаш.“ се сврти Елена и фрли две двојки на масата.

            „Well fuck me and call me Shirley! You da man, woman“ рече Германецот и се скина од смеење.

            „Покер, а? Изгледа среќата ти се мења. Можеби е време да смениш и професија и животен стил?“

            „А можда треба да ставам све што добив тука на едно вртење на рулет а?“

            „Ама ти стварно не сакаш да бидеш среќна а? Упорно со глава во ѕид одиш, а?“

            „Знаеш што? Ќе ставам све на една бројка, ако изгубам ќе го сметам тоа за знак да продолжам како и до сега, ако победам ќе ги земам парите, ќе те поканам на вечера од утре и ќе почнам одново. Што викаш на тоа?“

            „Ти си знаеш, голема си.“

            Елена отиде до масата за рулет и стави 87 000 денари на број 3. „Зошто баш три?“ праша Диме.

            „Денеска е тригодишнина од смртта на моите.“

            „Нека им е лесна земја“ натажено рече Диме и истури малце од новата тура виски на земја.

            Топчето почна да се врти. Елена тажно го гледаше додека почнуваше да се забавува. „Нема шанси да добијам, а со тоа и да ми се смени среќата“ си рече. Топчето конечно застана на двојка. Елена воздивна и се сврти да си оди. Диме ја фати за рака и и’ рече: „Види каде ги имаш ставено парите.“ Парите и беа ставени по грешка на двојка… Покер од четири двојки и погодена двојка на рулет. Третово претчувство навестуваше посветла иднина. Среќата по се изгледа почна да и’ се менува. Се сети на зборовите на мајка и’…

Оригинално објавено на www.weedboy.blog.mk на 26 јануари, 2009 г.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]