Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Девојката со тетоважата-солза 2

Тина се протегна и погледна низ прозорецот. Веќе беше утро и сонцето полека изгреваше. Се завитка само во чаршавот и излезе на терасата. Глетката беше феноменална. Тиркизно море до недоглед, сонце силно пече и како шлаг на тортата лесно ветре кое разладува. Канкун беше волшебен. Се сврти и виде како се буди и Петра. „Сонце мое најмило,“ си рече Тина во себе, „колку си само среќа ти моја најголема.“ Секој пат кога ќе ја погледнеше мислеше на Темелко. Ама буквално секој пат. Имаше исти очи како него, очи длабоки како море пред бура. Очи кои зрачат со искреност, но кои и можат да те прочитаат за 5 секунди. Ги сакаше тие очи, но истовремено и многу ја плашеа. По тоа се разликуваа очите на Темелко и очите на Петра. Петра не можеше да ја плаши, таа и’ беше се’.

„Добро утро, мамо!“ – рече Петра насмеано и се проѕевна.

„Добро утро, ангелу!“ – и’ врати Тина.

„Добро утро и на двете,“ рече Симе од зад врата. „Во прав момент влегов, ми беше страв да не ве разбудам.“

„Каде беше до сега?“ – збунето го праша Тина и се сети дека воопшто не ни забележала дека не бил тука.

„Бев да трчам. Знам, знам дека сме на одмор, ама рутина си е рутина, што да правам, веќе така сум испрограмиран.“

„Значи никогаш не си знаел да се опуштиш, човече.“

„Ме знаеш мене, не можам без моите навики.“ – рече Симе и искрено се насмевна и тргна да си игра со Петра.

Тина ги остави за момент и го сврти погледот назад кон морето. Замижа и се сети на неговите очи. За момент веќе повторно беше во Охрид во дискотеката каде што се запознаа пред осум години. Цел филм и’ се премота во глава. Од првата караница, до неговата тврдоглавост и его, до сите можни сценарија како од шпански серии.

„Само кажи ми зошто?“ – сега веќе Темелко ја прашуваше.

„Сам знаеш зошто и престани да ме малтретираш.“ – отсечно му одговори.

„Не, не знам. Сакам убаво да ми објасниш за да сфатам.“

„Кај можеш ти било што да сфатиш, мозочето ти е како на коковче.“

„Ти бе, телетабис еден, најде да збориш? Толку си ретардињо што ми иде да ти ставам кацига и помошни тркала и да те пуштам надвор да си играш, без да се повредиш.“

„Многу зрел коментар. Ептен знаеш како да убедиш девојка да остане со тебе.“

Многу такви моменти имаа. Веќе и’ беше дојдено преку глава. Тој никако не можеше да сфати дека сите нејзини постапки имаат позадина, дека за се’ има причина. Таа се обидуваше тоа да му го каже, но тој немаше трпение, немаше доверба. Резултатот беше секогаш ист. Ќе се скараа, ќе се отераа кај што не треба и немаше да сакаат да се видат. Ќе поминеше некое време и сите потиснати чувства ќе им излезеа на површина и или ќе најдеа начин да се видат или судбината некако ќе ги поврзеше во вистинско време на вистинско место. Последниот пат кога така случајно се видоа пред нешто повеќе од седум години, пред целосно да ја снема, таа се обиде да му каже што реално ја мачи. Тоа беше последен нејзин обид да му ја каже вистината за себе. Вистина која не можеше никому да ја каже.

„Значи ме вадиш од такт, понекогаш! Слушај ме што ти зборувам...“ – врисна Тина.

„Што ми зборуваш де, дека не можеш да бидеш со мене, бидејќи било комплицирано. Ништо не може да е толку комплицирано, па да нема решение.“ – вриеше Темелко.

„Можеби и има, ама не во моментов. Во моментов мора да ме разбереш и да ме пуштиш. Ќе направам нешто што можеби и ќе ти биде чудно, ама мораш да имаш доверба во мене.“

„Важи нема проблем, јас тука душата ќе ја давам за тебе, ти мене ќе ми враќаш со барање да чекам јас. Дали си ти нормална?“

„Очигледно не сум штом се’ уште се објаснувам со тебе. И не, не очекувам јас никој да ме чека, очекувам тој што тврди дека ме сака да се обиде разбере и да има трпение, бидејќи понекогаш работите се поголеми од што изгледаат и било што ако се каже и направи може да има последици и по други. Затоа еднаш во животот не биди толку себичен и мозочно ограничен и обиди се да се ставиш во моја кожа!“

„Како да се ставам во твоја кожа кога не знам ни што ти се случило претходно, ни што ти се случува сега?“

„Можеш да се обидеш да имаш доверба во мене и да се стрпиш за одговорот. Ти реков само дека се работи за семејство и за жртва која јас морам да ја направам.“

„Кое семејство кога ми рече дека си сираче пораснато од старатели кои не ги ни сакаш? Зарем за нив ќе се жртвуваш?“

„Има нови работи кои неодамна ги дознав. Имам сестра... близначка...“

„Ништо не ми е јасно...“

„Ќе ме снема некој период. Ќе чуеш работи кои нема да ти се допаѓаат. Игнорирај ги и имај доверба во мене, се’ ќе ти објаснам кога ќе биде време. Не очекувам да ме чекаш. Ако треба да бидеме заедно ќе бидеме, ако не јас ќе си се сносам со тоа дека сум загубила нешто највредно на свет.

„И нема да те чекам и не сум човек што може да игнорира тоа што слуша и гледа. Слободна си. Оди си. Не можам јас вака повеќе...“ Тоа беа последните негови зборови пред целосно да се разделат.

„Каде го леташ паметот?“ – ја праша Симе и ја прегрна одзади.

„Си мислам на Тања“ – го излажа Тина.

„Не поминува ден да не помислам и јас на неа. Но, затоа ќе те погледнам тебе и како да ја гледам неа.“

„Сфаќаш колку е тоа само лудо! Јас и она сме целосно различни луѓе!“

„Да, меѓутоа јас и тебе те сакам подеднакво, само што ме потсетуваш на неа на изглед. И никогаш нема да заборавам што се’ направи за нас, за неа најмногу. Толку несебично и’ ја исполни најголемата желба да има дете и откако ја изгуби битката со ракот самата се пријави да се земеш со мене и да го одгледаш детето како да е твое, како да ти си му мајка, а не само сурогат-мајка. Тања умре среќна знаејќи што се’ направи за неа.“

„А за мене, што направив за мене? Го отфрлив човекот кој го сакав со цело мое срце, ја изгубив сестра ми по втор пат во животот, но овој пат целосно и сум омажена за човек кој е најмил на свет и заслужува некоја како него, а за возврат добива некоја што не може да го сака на начин на којшто тој заслужува. Како можеш да сакаш некоја како мене?“

„Мене и оваа љубов што ми ја даваш ми е доволна и не гледам дека некаде грешиш.“

„Не гледаш, да,“ си помисли Тина во себе. „Не гледаш дека те изневерувам со Темелко секој пат кога ќе полудам од болка по него. Не гледаш дека знам дека и ти постојано ме изневеруваш и дека затоа ти е доволна оваа минимална моја љубов. Не гледаш дека единствена причина поради која не сум полудела е Петра и фактот колку само таа ме исполнува со љубов и дека ми е единствен мотив што живеам. И конечно, не гледаш, не знаеш и никогаш нема да сфатиш дека дента кога бевме да го извршиме вештачкото оплодување со јајце клетката на Тања и твоето семе дека докторот ми рече дека сум веќе 3 недела трудна и дека носам челад од Темелко... вест за која цел свет го излажав... не, тоа никој не го гледа...“

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]