Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 18

Долго време ме немаше, а и со причина. Еден период бев ептен хиперактивен и одеднаш престанав. Некако ми снема за што да пишувам, па ми текна на онаа старата, ако немаш нешто паметно да кажеш, подобро ќути си. Не дека сега ќе ве просветлам со нешто што не го знаете, ама ете, ми дојде пак време троа да си појадам бурек на тема (полови) односи во Скопје, его, себичност и границата која можеме да ја достигнеме кога мислиме дека знаеме сè.

Јас лично не знам сè. Далеку од тоа. На моменти мислам дека сум и прилично наивен, преимпулсивен, значително емотивен, пренапален - како гну во сезона за парење и смотан како теле пред колење. Но тоа не е поентата. Поентата е што никој не знае сè. Поентата е што животот нема правила, ама сепак играме според нечии норми и очекувања. Човечката глупост е толку голема што туѓото мислење и оцена ни се побитните од нашите.

Нашите најблиски пријатели се првите чиишто критериуми најчесто гледаме да ги задоволиме. Без стручното мислење на екипата ништо не правиме. Сценарио од овој тип кај машки би изгледало вака. Дечко носи девојка во друштво, свежо почнале да се гледаат, девојката е супер како за него, тој изгледа видно задоволен. Другарите: „Брат топ ти е девојчево само немој случајно да се леташ по неа од одма, чувај си ја, ама не си го баталувај лагерот. Дупи си на страна.“ Сценарио кај жени. Нов дечко на другарка нивна во друштво. Вкрстено испрашување од прва. Стручни мислења фрштат на сите страни. „Немој не се летај со типов. Биди искулирана, не му посветувај многу внимание, гледај си се кога тебе ти одговара, не си ги заборавај другарките, држи си лагер.“

Добро, признавам дека сценаријава се преопшти ама истите ги употребив чисто колку да ви ја доловам моменталната ментална состојба на Скопје и на неговото домородно население. Изместени вредности, погрешни заклучоци, лоши совети, уште полоши и полицемерни пријатели, емоционална интелигенција на нула. Ќе си речеш дека како што стареат на луѓето им доаѓа некако паметот, ама реалноста кажува една сосема друга и поразителна приказна.

Зошто машките во градот сакаат да си дупат на страна, а жените се однесуваат ладно? Ај за неизживеани дечки во екот на сексуалноста можам до некаде да разберам, ама кој е изговорот за возрасни магариња кои веќе имаат нешто покрај себе? Долго време не го разбирав овој концепт бидејќи уште ми немаше легнато жетонот за тоа како од година за година луѓето стануваат поглупи и поемотивно ретадирани. Прашањето изгледа доста комплексно, но одговорот е многу едноставен. Луѓето едноставно заборавиле што значи искрена комуникација.

Дечко почнува нешто со девојка, но после некое време ја изневерува. Таа повредена од тоа се затвора и нареден пат не покажува никакви емоции. Маѓепсан круг на човечка глупост. И двата партнера прават глупости поради тоа што не го добиваат тоа што го сакаат. Едниот партнер најчесто се гледа со повеќе луѓе одеднаш колку да го пополни недостигот на внимание кое не го добива од другиот партнер кој, од друга страна, повеќе време поминува на анализа на ситуација наместо да посвети повеќе внимание.

Луѓето стануваат толку искусни во тоа што мислат дека го сакаат што по некое време комуникацијата и искреноста сосема замира. Никој повеќе нема храброст да ти ја плесне вистината во лице без разлика колку и да е болна. Па што мислите, што е подобро, некој да дојде и да ви каже дека нема емоции за вас или да ве мафта некој период, а самите да чувствувате некаква одвратна тензија? Ако девојка ве праша дали само сакате да имате секс и ништо повеќе од тоа, ве молам бидете искрени и кажете ѝ ја вистината. Ако некој дечко е подготвен да ви даде сè, а вие не сте, бидете искрени не му давајте лажни надежи.

Сè на сè животот во Скопје се сведе на една колективна лага и измама. Никој повеќе не сака врска, но никој па не сака ни секс без обврски. Сите сакаат да се ебат, ама да не им влезе. Јас искрено сум за брутална вистина. Сакаш со некого само секс – кажи му отворено за да нема забуни. Сакаш врска – постави се така. Сакаш само да се гледаш некој период за да видиш дали си одговарате тогаш ич не му ја мисли. Немаш чувства за некого – веднаш кажи му, или барем отворено покажи му. Немојте да патите од комплекси дека сте лоши. Вистината мора секој пат да биде на прво место без разлика колку и да е брутална. Без неа сме бездушни роботи – секогаш опкружени со луѓе, но хронично сами и душевно незадоволни. Лека ноќ Скопје и порасни веќе еднаш!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]